Генерал Војна (автор: Магнус)

25/03/2023

НИЕ СМЕ

архетипи на ликови во n-чинка,
недифинирани ко кроки на дилетантски драматург.
Суфлерот ни ги знае сите реплики,
а ние како првпат да ги гледаме.
Слепо повторуваме по него,
без приговор дали кажаното
е соодветно на оној кого го глумиме.

Ние сме неправилни режисерски насоки
и кичаста декорација на сценографијата.
Неопходните реквизите ги заборавивме в гардероба
зад сцената без паркет.

Ние сме театар во изградба
со 30 нови вработувања
и со анонимна директорка,
чија струка никако нема врска со културата,
ами со политикологијата или со економијата.

Ние сме куклена претстава,
чиј вентриликвист умрел
со дланките во нашите грбови или чмареви.

05/03/2023

ПРЕТЕНЦИОЗНА ИМПРОВИЗАЦИЈА

    Кога Ѕевс го казнил Сизиф, Мефистофел бил толку одушевен од апсурдот на клетвата, што се инспирирал нешто слично да спроведе на Земјата. Тој ги принудил чедата божји да си го носат со себе товарот на нивниот дом, без да можат никогаш да го испуштат од десната рака. На Ѕевс не му се допаднало тоа што Мефистофел казнил и купица невини луѓе. За жал, единствениот начин на кој се сетил да им помогне бил оној со кој го казнувал Прометеј – со таа разлика што птиците кои Ѕевс ги пуштил врз невините навистина успеале да им ги скратат маките, јадејќи им ги џигерите во целост, а (бога ми) и останатите органи. Ѕевс не знаел дека ова било токму она кон што Мефистофел целел: невините да му се придружат на неговит противник во Царството небесно, а злите да чекорат бесцелно по копното натоварени со нивниот дом, кого попусто ќе го преколнувааат да им ја откине десната рака.