Генерал Војна (автор: Магнус)

11/01/2022

МИНЛИВОСТ

Ко фурија упаѓам утепан у падот кон бескрајноста,
ко турпија упорна уморно ја изгребувам трајноста.
Сурија тапани тропаат, сокривајќи ми ја јасноста.
Ѓурултија и траор тромо ми ја подгреваат јароста.

Возвишени вивнати воздишки ѝ го поткреваат здолништето.
Мора, барем, за нешто да ѝ се подобри гледиштето.
Полето си го ожнеа, сал ми го остави стрништето
и - на валканата метална река (славјанска) - лежиштето.

Сека зима вака здивот ми замрзнува
и уште една реска во времето трзнува;
сека секунда со различна секавичност ни збрзнува,
ама уште еден ист јазол пак кон гробот ни се врзува.

06/01/2022

ШОК ВО ВОДАТА. БЕГСТВО

Со палимпсести си ја палам свеста,
низ рески посетувам нови места:
дознавам за туѓи бескрајни детства
и за - на возбудливи случки - следства.

Кормилото си го вртам по мој терк.
Сетилата везден за шок се на штрек;
шок - среде предвидливостите на претек,
за да ме оддалечи од овој век.

Ако не е достапно друго средство,
самотијата е солидно бегство,
нудејќи можност за секакво дејство,
како судоку... Или полјоделство...