Генерал Војна (автор: Магнус)

11/09/2023

ЦВЕЌЕ

Ми текнува пред години кога бевме мали:
сањавме за полни спортски ил' концертни сали -
враќања на бис или погодени пенали,
букети за подарок и историски анали.

Ми текнува ко мали кога не знаевме за битки,
кога посакувавме само глутници и китки
да нѐ спасат и бранат нас што сме здрави и витки
од лоша судба и подмолни удари плитки.

Мислевме сме доблесни и заслужуваме радост,
поленот да нѐ чисти од секаква гадост.
Но, надежите испарија штом напуштивме младост
и станавме свесни за нашиот грешки нанос.

Сега ретко кој би посакал да нѐ разгали
и да проба да ги процвета нашите души ситни.
Стрмоглаво си трчаме кон сопствената старост,
итајќи кон времиња што се сѐ повеќе банални.

10/09/2023

ГЛОБАЛИЗАЦИЈА

Перуец свири
италијански хит на
корзо в Марибор.

08/09/2023