Генерал Војна (автор: Магнус)

30/08/2021

КОСМОГОНИЈА

Од засенчениот вис,
низ памучен вртеж
од нецелосни алки,
врз стрмни гребени
наоблечени со слана,
се рони ѕвезден прав,
кој паѓа како роса на
растопената ѕуница,
чиј извор е в пештера
во која чадот има вкус
на свеж лач од нане.

Врз растреситиот под,
долж висок коридор
од овошни лушпи,
низ лебдечки савани
со ориз и со кактуси,
тече вжештена лава,
во која запливуваат
првите животинки,
кои ќе се претворат
во азна со бојата на
дното во секоја јама.

Во баобабови крошни,
обраснати со бршлен
со влакнести цветови,
чии остри мрсни бради
ги бодат снежните дини,
дремат стада кошути,
освежени и искапени
во шербетниот вруток
што истекува в брзак,
покрај кој авата мириса
на тазе кифли или зелник.

До фјордовите со глечери
(откривани од скитници
со дурбини под веѓите)
што во релјефот сечат
полуострови и делти,
в иглоа од алги живеат
ќосавите просветители,
кои гордо мрморат на
јазикот што звучи како
штурци и клукајдрвци
да си задаваат гатанки.