Генерал Војна (автор: Магнус)

19/02/2013

АПДЕЈТИРАН СОКРАТ

Јас знам дека
ништо не знам,
ама барем знам
дека „не знам“
се пишува разделено.

07/02/2013

N-ТО НЕБО

Со девојка ми на клупа у маало...
Ги рокаме „S.O.A.D.“ од телефонот.
Фамилијарно пакување „Стоби флипс“
и дволитарско шише „Кокта“...

Пуши кур, седмо небо,
многу над тебе сум!

ЛУЃЕ КОИ СЕ САКААТ

За мојот другар и неговата љубена

Скопје го набљудуваше парот кој
седеше на една од неговите клупи.

Лесно ги препозна.
Тоа беа тие двајца -
филантропистката и мизантропот,
поетесата и цртачот,
вегетаријанката и... дечкото со нормална
                        исхрана.

Се бакнуваа.
Нивните усни формираа
едно прекрасно тело,
кое геометријата децидно
одбиваше да биде именувано,
а во нивните усти се случуваа
процеси за кои хемијата не
пројави интерес да ги истражува.

Двете раце на секој од нив
беа обвиткани околу телото на другиот,
а нивните дланки трепера и се потеа,
се потеа и трепереа,
а нивните слободни души се топеа
во нескротливо балженство.

Скопје стана свесно дека
ниту неговото чедо Вардар
не може да го изгасне огнот
кој ги опколуваше двајцата вљубени,
огнот кој ги обвиваше нивните умови,
огнот во кој нивните срца гореа од страст.

Ударите на нивните срца,
дури и ги прегореа сите сеизмографи,
што кај Скопје предизвика страв дека
повторно, по 50 години, ќе биде разрушен.

Двајцата вљубени занесено се бакнуваа
и не забележаа дека Водно
се распаѓа како од „Лего“ коцки,
дека Вардар испарува,
дека во Градскиот парк се создава ураган,
и дека токму на плоштадот крај нив,
странски инвеститори ги започнуваат своите бизниси:
луѓе облечени во „стар ворс“-костими
продаваат плочи од „Дорси“. На старо!

Скопје се помирува со својата судбина,
но, несвесната телепатија на двајцата вљубени
им вели дека треба да го спасат Скопје
и тие ги одделуваат своите усти една од друга.
Тогаш, сé се враќа во првобитна состојба:
земјотресот стивнува,
ураганот исчезнува,
Водно повторно израснува,
коритото на Вардар повторно
се полни со кафена вода,
и повтроно остануваме без странските инвеститори.

Двајцата се гледаат очи во очи,
од кои зрачи љубов,
љубов која му дава надеж на Скопје
дека во него сé уште живеат
луѓе кои се сакаат.

„Ова ќе ти го кажам само еднаш!
Не ме терај некогаш да ти го повотрам!
Многу те сакам!“ -
прошепоти Девојката.

„Не е битно да ми го кажеш тоа,
битно ми е тоа да го осеќаш.“