Генерал Војна (автор: Магнус)

12/05/2025

ПОМИРИСУВАЈЌИ ЈА РАКИЈАТА

Секогаш кога ја помириснувам

нашата јака лозова (од 50 степени, па нагоре) –

од чоканчето скокнуваат ситни комити

и смело ми влегуваат во носот.


Таму ми ги корнат влакната

како да се најопасен коров.


Па, гордо ми маршираат до челото

(самите со промил алкохол во крвта)

и бестрашно пеат родољубни песни,

додека жешка крв ми капе од ноздрите.


Штом ми стасаат до синусите,

на нив почнуваат моќно да удираат

сложени нерамноделни тактови,

како ритамска подлога за

нивните зарипнати гласови.


Во главата ми ечи стихот:

„Павле ми пие вино, ем ракија“,

а зборот „ракија“ со долго ехо

ми одекнува во зовриените уши

и се заканува да ми ги распори

мембраните на ушните тапанчиња.


Комитчињата ми испоседнуваат по виугите

за да го видат, во мојот центар за мирис, 

мегданот меѓу два млади, маслосани пеливана.


Како да е македонска република,

мозокот ми е в пламен

и за миг престанува со работа.


Затоа, дури многу подоцна ќе се осмелам

да пивнам барем малку од чоканчето со ракија.

No comments:

Post a Comment