Генерал Војна (автор: Магнус)

09/11/2023

ИНТЕРПУНКЦИЈАДА

Точките почиваат на крајот на зборот,
когo да дише не го оставаат палавите запирики.

Извичниците и прашалниците бистрат длабоки размисли,
при што им помагаат двете точки со: примери и заклучоци.

Тиреата се обидуваат да се пронајдат себеси,
од што одамна веќе се откажаа трите точки.

05/11/2023

БОГОУБИСТВА

Боговите си играа
пенистестис со луѓето,
додека еден ден
не се роди философ,
кој повика на деицид.

Никој дотогаш
не се беше дрзнал
да им ја предизвика
наводната семоќност.

Како што храмовите им се празнеа,
така тие испаруваа еден по еден,
зашто луѓето ги заборавија,
како никогаш и да не постоеле.

Така, луѓето без вера
се изгубија и самите себе.

03/11/2023

/

По перници се леат сеќавања
од возила фрштачки,
од дечиња пискачки -
котелот мозочен
клокоти од впечатоци:
навечер се сложуваат
како аматерски мозаик,
како дилетантски витраж -
ниту една точка не е
на нејзиното место,
но оддалеку личат стварно,
личат како ни да не можат
да бидат поинакви тие низи
од точки заборавливи,
збунувачки без причина,
без да се знае на кое
од двете царства му припаѓаат.

02/11/2023

НЕСТВАРНА НЕКОЈА

Стапалките над тло ѝ лебдат,
листовите ѝ мрморат манифест,
колената ѝ се тркалаат околу самите себе,
а бедрата бликаат нескротлив пламен.

Трудна е со јајца во облик на зглоб,
пупките ѝ лачат немушти слогани;
ѝ се наежува кожата ко иглолисна гранка
штом зад градите жарта ѝ згасне.

Може вратот насекаде да го вивне,
исполнети партитури ѝ се гласните жици,
во очите чува и нектар и мед
и со главата го удира тлото на небото.